1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Конечно на слобода - што сведочат израелските заложници

Тања Кремер
6 декември 2023

Терористичката организација Хамас досега ослободи 105 киднапирани Израелци. За нив заложничката драма е завршена. Но, како им оди на луѓето, од кои, дел во заложништво беа речиси два месеци?

https://p.dw.com/p/4ZpIG
Израелско семејство повторно се обедини по ослободувањето на заложниците
Израелско семејство повторно се обедини по ослободувањето на заложницитеФотографија: Prime Minister's Office/Handout via Reuters

Повикот предизвика измешани чувства кај Јаир Мозес. Неговата мајка, Маргалит, требаше да биде меѓу првите заложници што ќе бидат ослободени од Појасот Газа на 24 ноември, само неколку часа по стапувањето во сила на прекинот на огнот. Милитантната исламистичка терористичка организација Хамас на 7 октомври ја однесе Маргалит Мозес во Газа откако ја киднапираа од нејзиниот родно место, кибуцот Нир Оз.

„Секако дека бевме пресреќни, но и многу загрижени“, вели нејзиниот син Јаир Мозес во интервју за ДВ. Пред првото ослободување никој не знаеше дали тоа навистина ќе се случи, дали луѓето навистина ќе се најдат на списокот, како ќе помине примопредавањето на Црвениот крст, како ќе одат во Египет и потоа ќе се вратат во Израел и колку долго ќе трае процесот."

Дури откако ја виде својата 78-годишна мајка во првите видеа што Хамас ги дистрибуираше од предавањето на заложниците на Меѓународниот Црвен крст, одеднаш се чинеше реално дека таа навистина се враќа дома. „Во моментот кога ја видовме како мавта од автомобилот, а потоа трча кон автобусот, сфативме дека изгледа добро, барем физички. И секако бевме исклучително среќни“, вели Мозес. 

Психичката состојба на заложниците предизвикува загриженост

Однадвор, многу од, во меѓувреме, 110-те ослободени зааложници изгледаа неповредени. Иако многумина беа видно ослабени, освен оние кои беа повредени при нивното киднапирање, повеќето од заложниците немаа очигледни повреди. Но, нивната прихичка состојба задава грижи.

Јаир Мозес на демонстрации на роднините на заложниците во Тел Авив
Јаир Мозес на демонстрации на роднините на заложниците во Тел АвивФотографија: Tania Kraemer/DW

Додека луѓето беа киднапирани од различни локации во јужен Израел утрото на 7 октомври, некои мораа да гледаат како терористите на Хамас ги убиваат нивните роднини или соседи. Други, пак, сѐ до нивното ослободување, не знаеја дали нивните брачни партнери или други роднини исто така биле киднапирани

Возрасните израелски мажи меѓу заложниците сè уште не се ослободени.

Во терористичките напади на 7 октомври, 1.200 Израелци беа убиени од Хамас, а 239 луѓе беа киднапирани и земени како заложници во Појасот Газа. Таму, пак, повеќе од 15.800 Палестинци се убиени од страна на израелската армија од почетокот на војната, според бројките на Министерството за здравство во Газа под контрола на Хамас. Информациите не можат да бидат независно потврдени.

„Некои заложници биле тепани"

Малку по малку, искуствата на заложниците испливуваат во израелската јавност, но засега приказните се фрагментирани. И не е познато сѐ што ослободените им раскажуваат на своите семејства. Маргалит Мозес, на пример, му раскажала многу на семејството, вели нејзиниот син. „Но, не можеме да го споделиме сето тоа. Од нас беше побарано да не го правиме тоа поради загриженоста за заложниците кои сѐ уште се таму." Мозес не открива кој го упатил ова барање до семејството. „Она што можам да ви кажам е дека таа се трудела да остане позитивна, се обидувала да им помага на другите, на пример кога постарите требале да одат во тоалет. Таа се обидувала да пее со другите или да разговара со нив."

Израелските заложници првично беа предадени на претставниците во Црвениот крст
Израелските заложници првично беа предадени на претставниците во Црвениот крстФотографија: Al Sabbagh/AFP

На видео снимките од предавањето на заложниците на помошниците на Меѓународниот Црвен крст од страна на борците на Хамас, некои заложници се збогуваа со киднаперите. „Тоа беше претстава низ која мораа да поминат“, вели Ашер Бен-Ариех, професор на Факултетот за социјална работа и социјална заштита- Пол Баервалд на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим. Извештаите од оние кои беа ослободени од заложништво, физичките и психолошките наоди, приказните што ги слушаме - тоа било сè само не пријателско."

Специјалистот за траума кај деца работеше на упатствата за третман на заложниците по нивното ослободување и, во прв ред, разговараше со децата и мајките. „Имаше и сведоштва на тајландските заложници. Некои биле третирани малку подобро, други полошо. Некои биле тепани, некои биле лишени од храна, други, пак спречувани да спијат. Било брутално“. Каде биле држени заложниците, досега не е објавено.

Деветгодишно девојче по заложништвото само шепоти

Роднините на другите заложници за овие искуства за израелските и странските медиуми велат, дека иако првично имало доволно храна, потоа имало сѐ помалку, само малку ориз и бисквити. Според неговата тетка Дебора Коен, 12-годишниот Ејтан бил принуден да „гледа хорор видеа од 7-ми октомври“ и извесно време бил држен сам во соба. „Кога пристигнал во Газа, луѓето со кои се разминувал го тепале“, изјави Коен за француската телевизија. „И им се заканувале на децата со пиштол ако почнат да плачат.“

И деца беа киднапирани од страна на Хамас
И деца беа киднапирани од страна на ХамасФотографија: Ariel Schalit/AP Photo/picture alliance

Деветгодишната Емили само шепоти откако се вратила од Појасот Газа, вели нејзиниот татко. „Кога таа зборуваше со мене, не можев да разберам ништо.“

Вујкото на 13-годишната Хила, исто така, една од ослободените заложници, вели дека поминала 50 дена во темница, без можност за туширање и со малку јадење. Некои луѓе спиеле на клупи, други на душеци на подот. Им било кажано да шепотат дење, а ноќе да молчат, изјави вујкото Јаир Ротем за израелските медиуми.

Лекарите и психолозите ги советуваа семејствата да не ги притискаат ослободените со прашања или информации. Сè што им е потребно сега е чувството дека повторно имаат контролира над своите животи, вели специјалистот за траума Ашер Бен-Ариех. „Најважно е да не одлучувате наместо нив. Морате да ги прашате што сакаат да прават или не сакаат и да им дозволите да ја повратат контролата над нивните животи колку е можно повеќе“, вели Бен-Ариех.

Хамас сè уште држи во заробеништво повеќе од 130 Израелци

За Јаир Мозес, кошмарот е далеку од завршен. Неговиот татко сѐ уште е во заробеништво на Хамас. Неговите разведени родители живееле во нападнатиот кибуц Нир Оз.

Агонијата на семејствата на заробените Израелци продолжува

Веќе два месеци нема вести за неговиот 80-годишен татко. Израел претпоставува дека Хамас држи уште вкупно 137 заложници. Меѓународниот Црвен крст сѐ уште нема добиено пристап до заложниците во Газа. „Секој ден мојата грижа за татко ми расте, но и за сите другите кои уште се таму“, вели Мозес. Тој самиот пораснал во Нир Оз и лично познава многу жители на кибуцот. „За мене тоа не е само список со имиња, ги знаев сите. Но и другите кои не ги знам, младите од забавата во Реим, војниците - сите мора да се вратат.“

Овој текст првично беше објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема