1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кинески брод „уловил“ сигнал од малезискиот авион?

ЕМФ/дпа/афп5 април 2014

Кинески брод кој учествува во потрагата по исчезнатиот малезиски авион во јужниот дел на Индискиот Океан, „уловил“ пулсирачки сигнал, јави кинеската агенција Ксинхуа.

https://p.dw.com/p/1BcYS
Фотографија: JOSE LUIS ROCA/AFP/Getty Images

Сигналот е регистриран од детекторот на црни кутии кој се наоѓа на бродот „Хаишун 01“, јави денеска (5.04) кинеската новинска агенција Ксинхуа. Сепак, сѐ уште не е јасно дали постои врска со исчезнатиот малезиски патнички авион. Од исчезнувањето на авионот на Малезија Ерлајнс, на 8 март, се трага по остатоците и црните кутии на авионот.

Црната кутија испраќа сигнали по пад на авион во временски период од 30 дена. Оттука, времето за наоѓање на евентуално потонатиот труп на авионот во морето, истекува. Доколку не се успее во лоцирање на црните кутии и нивно вадење од океанот, загатката за исчезнувањето на летот МХ370 ќе остане најверојатно засекогаш нерешена. Досега е апсолутно нејасно зошто Боингот 777, со 329 лица во него, утрото на 8 март исчезна од радарите додека леташе на релација Куала Лумпур - Пекинг.

MH370 Flug Suche
Фотографија: Getty Images

Во потрагата по авионот учествува меѓународен тим експерти. Во истрагата помагаат луѓе од Австралија, Кина, САД, Велика Британија и Франција, соопшти денеска министерот за сообраќај на Малезија, Хишамудин Хусеин. Според него, потрагата, во која учествуваат бродови, авиони и две подморници, продолжува независно од трошоците. Според некои информации, станува збор за најскапа акција на трагање во поновата историја на Малезија.