1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Малезија ерлајнс“ тешко дека ќе „преживее“

Габриел Домингуез/ Жана Ацеска25 јули 2014

Малезиската национална авиокомпанија беше погодена со исчезнувањето нејзин авион во март. Со катастрофата во Украина, економските изгледи на компанијата се влошија, смета експертот Мошин Азиз во интервју за Дојче веле.

https://p.dw.com/p/1Cgbr
Фотографија: picture alliance / dpa

Во Боингот 770 што се урна на 17 јули на територија контролирана од проруските сепаратисти во Источна Украина, имаше 298 патници. САД тврдат дека тој бил погоден од ракета земја-воздух. Украинската влада и сепаратистите меѓусебно се обвинуваат, а преживеани нема.

Катстрофата се случи неполни пет месеци откако авионот на летот број МХ 370 на пат од Куала Лумпур кон Пекинг, исчезна со 239 патници. Се претпоставува дека авионот паднал во Индискиот Океан. Меѓународната потрага досега не најде никаква трага.

Во интервју за Дојче веле Мошин Азиз, експерт за воздухопловство и аналитичар од Мејбанк Инвестмент со седиште во Куала Лумпур, објаснува какви последици има катастрофата за претпријатието „Малезија ерлајнс“.

Дојче веле: Какви се изгледите на „Малезија ерлајнс“ да се опорави од втората катастрофа?

Мошин Азиз: Иднината на „Малезија ерлајнс“ и онака беше мрачна, а новиот инцидент во Украина дополнително ја влоши. Не гледам како фирмата би преживеала во блиска иднина, барем во сегашната форма.

Уште пред втората катастрофа, бевме многу скептични дали претпријатието ќе преживее уште една година. Тоа прави загуби од над еден милион евра дневно. Од оваа причина, може да се очекува „Малезија ерлајнс“ во средината на 2015 година да се затвори, ако не се промени нешто во основа.

ДВ: Какви економски тешкотии предизвика исчезнувањето на авионот на лет МХ370?

Мошин Азиз: Од чисто економска перспектива, штетата не беше толку голема, околу 1,16 милиони евра. Се мисли притоа на директните давачки на кои беше изложено претпријатието за надминување на кризата. Но, важно е да се истакне дека голем дел од трошоците ги преземаат осигурувањата. Инаку, најважно е што дојде до голем пад на просечните цени на авионските билети, зашто многумина луѓе не беа веќе подготвени да ги плаќаат високите цени на билетите од „Малезија ерлајнс“.

ДВ: Дали се намали и бројот на патници?

Мошин Азиз: Имаше само мало намалување, што се однесува првенствено на земјите како Кина и Австралија. Инаку, насекаде остана истиот волумен на патници, јас се потпирам на податоците од април и мај.

ДВ: Дали некогаш постоела таква зачестеност на катастрофални несреќни случаи кај друга авионска компанија?

Мошин Азиз: Не, се работи за беспримерен случај во стогодишната историја на воздухопловството. Ниедна авионска компанија досега не била конфронтирана со вакви предизвици како „Малезија ерлајнс“: пет големи катастрофи во рок од само пет месеци.

Многу авионски компании доживеаја трагични несреќни случаи. Можевме да забележиме дека тие се опоравуваа по четири или пет месеци и се враќаа на секојдневието. По овој временски период луѓето повторно се чувствуваат безбедни, сакаат да го остават минатото зад себе и да гледаат во иднината. Но, последната катастрофа се случи неполни пет месеци по првата, сега се работи за двоен удар.

Затоа, сметам дека кон „Малезија ерлајнс“ постои претежно негативно расположение. Многу луѓе во Азија се суеверни и веројатно ќе ја избегнуваат „Малезија ерлајнс“ , мислејќи дека над претпријатието виси проклетство. Можеби тоа звучи лудо, но за жал, се базира на перцепцијата на луѓето, на реални факти. Ќе трае долго додека да се смени ваквото сфаќање.

ДВ: Колку е важна довербата за која зборувате во браншата на воздухопловството?

Мошин Азиз: Таа е од суштинско значење. Во нормални околности, најважна улога имаат цените. Оние кои нудат најдобри цени, го освојуваат пазарот. Но, кога прашањето на безбедноста ќе стане главен фактор, можете колку сакате да ги намалувате цените на билетите, луѓето ќе ја избегнуваат таа компанија.

ДВ: Што може да направи „Малезија ерлајнс“ за да се одржи?

Мошин Азиз: Прво, треба да се концентрира на своите најважни сектори. Мислам дека летовите во внатрешниот авиосообраќај имаат иднина. Сеедно што и да се случи, луѓето во Малезија и понатаму чувствуваат поврзаност со својата национална авиокомпанија. „Малезија ерлајнс“ е дел од малезискиот идентитет, освен тоа, многумина ги ценат храната и сервисот во авионот. Мислам, дека ако „Малезија ерлајнс“ се сврти само кон внатрешните летови, ќе требаат пари, но фирмата веројатно ќе преживее.

Гледано во меѓународни рамки, ситуацијата е поинаква. Веќе денес авионската компанија бележи огромни загуби во секторот меѓународен авиосообраќај. Допрва уште многу луѓе сега, по втората катастрофа, ќе бараат алтернативи. На овој пазар постои огромна конкуренција, а патниците можат да избираат меѓу три, четири или пет авиокомпании за секоја дестинација.

Затоа, сметам дека „Малезија ерлајнс“, за да опстане, треба да се повлече од меѓународниот сегмент. Се разбира, тоа е болно, но во моментов е неопходна концентрацијана секторите во кои постои предност и економски успех.